-
[EM512] Европско кривично право
Со изучувањето на оваа материја, целта е студентите да се стекнат со знаења за развојот на европското казнено право. Тие ќе се оспособат да ги препознаат корените и основите на новите инкриминации (односно дали тие се резултат на конвенциската активност на Советот на Европа или на правните акти на ЕУ). Натаму, ќе се запознаат со механизмите за судска и полициска соработка во кривичната материја во Европа, како и со предностите и недостатоците детектирани низ нивната практична примена, како и со опсегот на казненооравната заштита на човековите права во Европа и механизмите за ефектуирање на таквата заштита.
-
[EMSS3030] Компјутерски криминалитет
Студентите ќе стекнат напредни сознанија за најновите облици на кривичните дела кои се вршат преку компјутерот и преку интернет-мрежите како и за современите начини на спречување на ваквиот криминалитет кој се развива сѐ повеќе во денешните дигитални општества. Ќе се проучуваат кривичните дела од типот на компјутерска измама, фалсификување компјутерски софтвер и други облици на злоупотреба на Интернетот за криминални цели. Ќе се анализира домашното неодамна реформирано законодавство, а ќе се добиваат сознанија и за светските стандарди и текови во оваа област.
-
[EM513] Економски криминалитет
Целта на овој предмет е препознавање и анализа на криминалните појави со економски карактер, карактеристиките што го карактеризираат мултидимензионалното негативно влијание, начините на откривање и докажување, најистакнатите форми , како и институциите кои на директен и индиректен начин се борат против овој вид на криминалитет.
-
[MCCR3020] Организиран криминал
Целта на овој предмет е студентите да го збогатат своето знаење за организираниот криминал како поим и феномен пријатен во различни општествени сфери. Во тој контекст ќе се анализираат елементите што ја сочинуваат криминалната ситуација од организиран карактер, корупцијата како клучен фактор што влијае на овој вид криминал, специјални истражни и други мерки кои влијаат на откривање, документирање и спречување на организиран криминал како и улогата на меѓународната соработка во борбата против организираниот криминал.
-
[EMCR3021] Трговија со луѓе
Трговијата со луѓе претставува посебна форма на организираниот криминалитет и се карактеризира како ропство на современото време. Овој сериозен вид криминал претставува длабоко кршење на најсуштинските права и слободи на човекот, па затоа е забранет и гонет со меѓународни договори и со национални закони и механизми за сузбивање. Целта на овој предмет е да се запознаат студентите со напредните теоретски и практични аспекти на овој феномен преку анализирање на најбитните меѓународни конвенции, домашни закони и механизми од оваа област, како и преку разбирање на домашната судска практика што се однесува на случаите со трговија со луѓе.
Цели на предметната програма:
- Дефинирање на кривичното дело трговија со луѓе;
- Идентификување на компоненти на сеопфатна рамка за борба против трговијата со луѓе;
- Процена на критичните предизвици во искоренување на трговијата со луѓе во глобално општество.
-
[EMCL1011] Семејно насилство
Семејното насилство е општествен феномен широко распространет во современото општество. Тоа е присутно во сите држави и општества, без оглед на нивниот развој и еманципација. Имуна од овој феномен не е ниту нашата земја, ниту регионов во кој живееме. Затоа, студентите по право преку овој предмет се стекнуваат со знаење за тоа што е семејно насилство, облиците во кои се манифестира, законските прописи предвидени во нашата земја, во регионов и во меѓународните прописи како и за начините за нејзина превентива. Студентите по завршување на овој предмет ќе бидат во можност да го идентификуваат семејното насилство, да ги идентификуваат кривичните дела инкриминирани во Кривичниот Законик од оваа сфера како и да развиваат критично размислување за оваа проблематика. Овој предмет му овозможува на идниот правник за време на вршење на својата идна професија како судија, обвинител или адвокат да се справи на најсоодветен начин со овие случаи кои имаат голема чувствителност како и да обезбедат соодветна помош и заштита на жртвите на овие кривични дела.
-
[MCCR3060] Судска психологија
Оваа дисциплина има помошен карактер за другите кривично-правни науки со цел психолошко вреднување и оценување на вистината и лагата во судското постапување кон обвинетите, сведоците и другите лица во кривично-судската постапка, преку психолошка оцена на нивните искази и дејствија.
-
[MCCR3050] Судска медицина
Преку овој предмет студентите ќе стекнат напредни сознанија за форензичката наука во однос на кривичните дела против животот и здравјето на луѓето и за основната терминологија која ќе биде како упатство за координација и комуникација меѓу истражните и судските оддели. Преку овој модул студентот ќе биде во можност да ги формулира барањата, налозите и другите писма помеѓу судот и вештаците за судска медицина за издавање наредби за телесна повреда, вештачење, налози за идентификација на живи личности, тела и скелетни остатоци.
-
[EM511] Криминална политика
Во рамките на овој предмет студентите ќе се запознаат со сите превентивни мерки на криминалитет, предвидени во системот на кривично право во земјава и пошироко.
-
[EMCR-02] Правна клиника - кривично право
Овој предмет претставува едно-семестрална програма за практична изведба на сознанијата добиени од кривично-правните предмети. Во овој предмет студентите ќе ги применуваат претходно здобиените познавања во конкретни кривични предмети кои ќе ги работат под менторство на предметниот професор како и под надзор на јавен обвинител или адвокат, со кои заеднички ќе работат на конкретни полесни случаи и ќе помогнат при подготвувањето на списите и преземањето на други подготвителни процесни дејствија. Притоа, ќе се потсетат на кривично правната материја, а исто така ќе анализираат извори од другите земји кои работат со правни клиники.
-
[EM514] Медицинско казнено право
Медицинското казнено право претставува посебна област во рамките на медицинското право како посебна правна гранка воопшто, и посебна казнено-правна дисциплина. Науката на медицинското казнено право се состои од општ и од посебен дел. Во рамките на општиот дел се изучува системот на медицинското право, изворите, методите, неговото место во општествениот и научниот систем, казнено-правната заштита на правата на пациентите итн. Посебните прашања, правните аспекти на различните видови медицински интервенции се предмет на посебниот дел на оваа наука. Такви се: давањето медицинска помош, евтаназијата, абортусот, медицинските вештачења, психијатриската помош, трансплантацијата, лекарските грешки, репродуктивните технологии, клонирањето, генетските манипулации итн. Во рамките на медицинското казнено право спаѓа и материјата на статусот, правата и начинот на постапување со душевно болните лица и генерално, третманот на непресметливите лица, мерките на безбедност, заштитата на физичкиот и менталниот интегритет, заштитата на правото на живот, исклучувањето на противправноста кај лекарските интервенции и сл.