Login

Членовите на универзитетскиот кадар треба да ја употребат нивната Webmail сметка за да се најават на системот.

Универзитет на Југоисточна Европа
оживеј го знаењето!

Француската алијанса во Тетово одбележа 25 години постоење во УЈИЕ

Француската алијанса во Тетово го одбележа 25-годишниот јубилеј од своето основање и свечено ги отвори новите простории во Кампусот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

На манифестацијата присуствуваа претставници на институциите, академската заедница и партнери на Француската алијанса, како и Амбасадорот на Франција во Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Ле Риголер.

Пред почетокот на свеченоста, Ректорот на УЈИЕ, проф. д-р Садудин Ибраими, заедно со Проректорот за планирање, истражување и претприемништво, проф. д-р Веланд Рамадани и Советничката за односи со заедницата и меѓународни односи, проф. д-р Беса Арифи, остварија средба со Амбасадорот Ле Риголер. На средбата се разговараше за досегашната соработка и можностите за нејзино унапредување во областите на образованието, културата, францускиот јазик, мобилноста и меѓународната соработка.

Во своето поздравно обраќање, Ректорот проф. д-р Садудин Ибраими го истакна придонесот на Француската алијанса во промовирањето на францускиот јазик и култура, како и во зајакнувањето на меѓукултурниот дијалог и европските врски.

Манифестацијата ја отвори Претседателот на Француската алијанса во Тетово, д-р Авни Арифи, додека директорката Мимоза Цека презентираше ретроспектива на 25-годишното работење на Алијансата и нејзината улога во промовирањето на јазикот, културата и франкофонските вредности.

Во рамките на јубилејната програма беше реализирана и културна програма, а честитките по повод јубилејот беа упатени преку видеопораки од поранешните директори на Француската алијанса во Тетово.

Отворањето на новите простории во Кампусот на УЈИЕ означува ново поглавје во соработката меѓу двете институции и создава нови можности за промовирање на францускиот јазик и култура, како и за унапредување на меѓународната соработка.

Google+