Login

Членовите на универзитетскиот кадар треба да ја употребат нивната Webmail сметка за да се најават на системот.

Универзитет на Југоисточна Европа
оживеј го знаењето!

УЈИЕ беше домаќин на делегација од Универзитетот во Вармија и Мазури во рамките на соработката и академската размена во ChallengeEU

Оваа недела, Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) беше домаќин на делегација од Универзитетот во Вармија и Мазури (UWM) од Полска, во рамките на тековната соработка во Европската универзитетска алијанса ChallengeEU. ⠀ Студиската посета, координирана од Институтот „Макс ван дер Штул“ (МВДШИ), имаше за цел зајакнување на институционалните партнерства, олеснување на академската и административната размена и истражување на нови можности за заеднички образовни и истражувачки иницијативи.

Програмата започна со официјален прием и презентации во кои беа претставени академскиот профил на УЈИЕ, стратешките приоритети, активностите за интернационализација и истражувачката дејност на Универзитетот. Проф. д-р Беса Арифи, советничка за односи со заедницата и меѓународни односи, и проф. д-р Флорије Исмаили, советничка за академско планирање и дигитализација, ѝ посакаа добредојде на делегацијата и ги истакнаа можностите за натамошна соработка меѓу двата универзитета.
⠀
Проф. д-р Вели Креци, директор на Институтот „Макс ван дер Штул“ и потпретседател на Одборот на Универзитетот на Југоисточна Европа, во рамките на институционалните разговори посебно го истакна значењето на истражувачката соработка и зајакнувањето на партнерствата во рамките на ChallengeEU. Тој, исто така, ја нагласи улогата и важноста на Лабораторијатѕа Impact Lab во рамките на работниот пакет 4 (WP4) на ChallengeEU. Потоа, Хамит Камбери, софтверски инженер во Институтот „Макс ван дер Штул“ (MVDSI) и развивач на платформата, го претстави концептот на лабораторијата и неговата платформа.
⠀
Посетата овозможи и одржување тематски средби меѓу академскиот и административниот кадар, вклучително и со колегите ангажирани во различните работни пакети на ChallengeEU. Разговорите беа насочени кон тековните иницијативи и приоритети на Алијансата, со посебен осврт на можностите за соработка во областа на економијата и менаџментот, учењето засновано на предизвици, еколошките науки, наставата по странски јазици, развојот на истражувачката дејност и институционалното управување со проекти.
⠀
Во рамките на административната размена, Хакан Реџепи, софтверски инженер во Институтот „Макс ван дер Штул“ (МВДШИ), презентираше новоразвиена алатка за управување со проекти, наменета за подобрување на координацијата на проектите, поедноставување на управувачките процеси и унапредување на соработката во рамките на различни проекти.
⠀
На 7 октомври, Марта Шлива, раководителка на работниот пакет 6 (WP6) на ChallengeEU од Универзитетот во Вармија и Мазури, одржа обука за внатрешна комуникација. На обуката учествуваа членови на тимот на ChallengeEU, претставници на гостинската делегација, студентски амбасадори и тимот на Checkmate, со цел зајакнување на внатрешната комуникација и координацијата во рамките на Алијансата.
⠀
Во рамките на сесијата, студентските амбасадорки на ChallengeEU при УЈИЕ, Ела Исмаили и Луиса Ресиди, одржаа презентација во која ја истакнаа својата улога во Алијансата, активностите во кои учествуваат и стратегијата за зајакнување на студентското учество, комуникацијата и видливоста на ChallengeEU меѓу студентите.
⠀
Беше одржана и обука за параметрите на меѓукултурната комуникација, која ја реализираше д-р Чеслав Кински, истражувач во Институтот за лингвистика при Универзитетот во Вармија и Мазури и член на работниот пакет 3 (WP3) на ChallengeEU. На сесијата беше истакнато значењето на меѓукултурното разбирање, ефективната комуникација и соработката во меѓународните академски средини.
⠀
Покрај официјалните средби и обуките, програмата вклучуваше активности за вмрежување, обиколка на кампусот и можности делегацијата на Универзитетот во Вармија и Мазури да оствари непосредна комуникација со студентите на УЈИЕ и да го запознае градот Тетово. Посетата ја истакна важноста на непосредната институционална размена за воспоставување посилни врски меѓу партнерските универзитети во рамките на ChallengeEU и претворање на заедничките цели на Алијансата во конкретна академска, истражувачка и институционална соработка.
⠀
Посебна благодарност упатуваме до студентските амбасадори на ChallengeEU при УЈИЕ, Ела Исмаили, Луиса Ресиди и Мухамед Адеми, како и до членката на студентскиот совет Тина Адили, за нивната значајна поддршка во текот на посетата. Нивниот активен ангажман при пречекот и придружувањето на делегацијата на Универзитетот во Вармија и Мазури придонесе за непречена координација и севкупниот успех на посетата.
⠀
Преку активното учество во ChallengeEU, УЈИЕ продолжува да ги зајакнува своите европски партнерства и да придонесува кон развојот на поповрзана, покооперативна и поиновативна европска средина за високо образование.
Google+