Одлуката за доделување на наградата беше објавена на 26 ноември од страна на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, а ја донесе Одборот за доделување на Државната награда „Св. Климент Охридски“.
Државната награда „Св. Климент Охридски“ претставува највисоко државно признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието и образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на животната средина, како и во општествените дејности од јавен интерес.
Проф. д-р Али Пајазити е истакнато име во областа на социологијата, со долгогодишна академска, научна и публицистичка дејност. Неговиот придонес опфаќа истражувања во сферата на социологијата, антропологијата, религијата, етиката, идентитетот и општествените трансформации, како и значителен број публикации и научни трудови.
Во 2022 година, според извештајот на AD Scientific Index, проф. д-р Пајазити беше меѓу највисоко рангираните истражувачи во Северна Македонија во областа на социологијата, со 320 научни цитирања.
Универзитетот на Југоисточна Европа му честита на проф. д-р Али Пајазити за ова високо државно признание и му посакува понатамошни успеси во неговата академска и научна работа.
