Овој настан ги собра претставниците на високо ниво од земјите-членки на ОБСЕ и земјите-партнери заедно со претставници од приватниот сектор, академската заедница, граѓанското општество и други меѓународни организации.
Конференцијата започна со отворен панел на високо ниво, на кој беа вклучени клучни говори на претседавачот на ОБСЕ, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи и генералниот секретар Хелга Марија Шмид.
„Ви благодариме што ни се придруживте на Универзитетот на Југоисточна Европа, институција која е основана на иницијатива на првиот висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ, покојниот Макс Ван Дер Штул, во 2001 година. Основањето на оваа институција во Северна Македонија понуди можност да се зајакне еден од основните забрзувачки фактори за подобрување на улогата на жените и девојките, а тоа е пристапот до високото образование, што служи како основа за нивно поголемо вклучување во општите општествени процеси и процеси на донесување одлуки “, рече меѓу другото во својот говор министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.
Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Каират Абдрахманов во своето излагање на отворањето на конференцијата му се заблагодари на ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдилменаф Беџети, вработените и студентите за достоинственото претставување и за континуираниот развој на наследството на неговиот поранешен колега, Макс ван дер Штул. Комесарот Абдрахманов оствари билатерална средба и со ректорот Беџети, со кого разговараа за актуелните настани од областа на високото образование и за други актуелни настани од взаемен интерес.
Ректорот Беџети е и еден од главните панелисти на панелот на тема: „Ублажување на ефектите од корупцијата врз жените: кон економска еднаквост и зајакнување“.
Дводневната конференција ќе даде можност да се разгледа имплементацијата на постојните заложби за родова еднаквост и зајакнување на жените низ регионот на ОБСЕ, а истовремено да се направи преглед на достигнувањата и да се разгледаат можните начини за напредување.
Исто така, ќе се одржат три работни сесии од работата на ОБСЕ за родовата еднаквост во три димензии и завршна сесија. Работните сесии се надополнети и со некои споредни настани.
