Login

Членовите на универзитетскиот кадар треба да ја употребат нивната Webmail сметка за да се најават на системот.

Универзитет на Југоисточна Европа
оживеј го знаењето!

УЈИЕ домаќин на панел-дискусијата за предизвиците поврзани со родовата еднаквост и улогата на жените во општеството

По повод 8. март – Меѓународниот ден на жената, денес на Универзитетот на Југоисточна Европа се одржа панел-дискусија организирана од Факултетот за современи општествени науки, Правниот факултет и Мрежата „Жени во науката“. Во фокусот на активноста беа прашањата за родовата еднаквост, социјалните и психолошките предизвици со кои се соочуваат жените во современото општество, како и улогата на академските институции во унапредувањето на женските права.

Панелот го отвори проф. д-р Блерта Ахмеди, која во својот воведен говор ја нагласи важноста на академските и на интердисциплинарните дискусии за решавање на прашања поврзани со родовата еднаквост и заштитата на женските права, нагласувајќи дека универзитетите се простори каде што треба да се одвива критички и конструктивен дијалог на овие теми. По отворањето на панел-дискусијата, присутните оддадоа едноминутно молчење во чест на жртвите на семејно насилство и фемицид во нашава земја.

Во својот воведен говор, проф. д-р Беса Арифи, советничка за односи со заедницата и за меѓународни односи на Универзитетот на Југоисточна Европа, нагласи дека Универзитетот останува посветен на промовирање на вредностите на еднаквост, вклучување и јакнење на жените во сите сфери на академскиот и на општествениот живот.

Во меѓувреме, проф. д-р Елизабета Б. Ологу, претседателка на Мрежата за жени во науката, ја истакна важноста на создавањето платформи што ги зајакнуваат женските гласови во науката и општеството, додека проф. д-р Мерита Зулфиу-Алили, деканка на Факултетот за современи општествени науки, ја нагласи улогата на академските институции во поттикнувањето на критичката дебата и унапредувањето на еднаквите права и можности за жените.

Како дел од панелот, проф. д-р Арта Меро зборуваше на темата „Родовата еднаквост на хартија, откажување во практика: Одземањето на правото на наследство на жените како тивко економско насилство“. Проф. д-р Зебиде Ибраими се осврна на темата „Внатрешната психолошка борба за автономија“, додека проф.д-р Рабије Мурати ја презентираше темата „Големи достигнувања, мала препознатливост“. Проф. д-р Блерта Ахмеди ја презентираше темата „Улогата на познавањет на правата во спречувањето на родово-базирано насилство“, додека проф. д-р Лирие Алити зборуваше на темата „ Повеќе од само ‘честитање' : Отстранување на психолошките бариери и двојните стандарди“.

На панелот имаше отворени дискусии и критички размислувања за актуелните предизвици и се нагласи потребата од заедничка институционална и општествена посветеност за унапредување на родовата еднаквост и јакнење на жените во сите области на животот.

Google+