Во име на ИМВДШ, присутните ги поздрави директорот на овој институт, проф. д-р Вели Креци, кој рече дека проектот е соработка помеѓу ИМВДШ и Институтот за истражување, иновации и развој и е финансиран од Чешката амбасада во Скопје. Тој нагласи дека ИМВДШ е доста активен и многу заинтересиран за истражување во областа на дигиталното образование и тековно има неколку проекти што ги реализира во оваа област.
Ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, и се заблагодари на Чешката амбасада за поддршката на овој многу важен и предизвикувачки проект на глобално ниво и многу повеќе на локално ниво.
„УЈИЕ преку овој проект ја промовира соработката на триаголникот на академската заедница, претставниците на медиумите и читателите на вести. Целта е првично да се обучи и опреми кадарот со вештини, кои ќе им се пренесат на студентите, за да можат да се справат со лажните вести и со дезинформациите. Општественото влијание на проектот е доста важно и временски и просторно“, рече меѓу другото во своето излагање ректорот Беџети.
Амбасадорот на Чешката Република, Н.Е Јарослав Лудва рече дека не доаѓа за првпат во Тетово, но за првпат доаѓа во УЈИЕ и е задоволен од соработката и резултатите од проектот и изрази надеж и волја за идна соработка.
„Чешката надворешна дипломатија дава приоритет на унапредувањето на демократијата со учество на граѓаните и владата во заштитата на човековите права и слободи. Во услови на војна во Украина, дезинформациите и лажните вести се вистинска закана за безбедноста и стабилноста на секоја држава и затоа мора да се сфатат многу сериозно“, рече меѓу другото чешкиот амбасадор во својот говор.
Во својство на проректор за истражување и за меѓународна соработка, проф. д-р Беса Арифи, ја оцени соработката со Чешката амбасада за овој проект како многу важна поради повеќе причини, но пред сѐ поради актуелната тема, можноста и одговорноста Универзитетот да придонесе за ова прашање и тоа што проектот помогна да се подигнат капацитетите на кадарот, но и на медиумските професионалци во борбата против лажните вести.
Во однос на проектите кои се реализираат во областа на медиумската едукација и дезинформација, свое излагање имаше Албулена Халили, истражувач и проектен координатор во Институтот „Макс ван дер Штул“.
Целта на проектот „Транзиција“ е да создаде отпорност против лажните вести, дезинформациите и дезинформациските кампањи што се користат главно од локални и од странски актери на патот на евроатланската интеграција на Република Северна Македонија.