„Студентот е во центарот на вниманието и ние сме подготвени да одговориме на секое барање или проблем што може да ги имате. Доволно е да бидете посветени, со страст и со ентузијазам да работите во градење на вашата иднина“, истакна во својот говор ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, на средбата со студентите.
„Морате да ги искористите конкурентските предности што ги нуди УЈИЕ за да се подготвите што е можно попрофесионално за подобра иднина за вас и за вашите семејства. Овие можности не се измислени приказни, туку реалност што можете да ја потврдите од претходните генерации, особено од последните 4-5 години!“, истакна ректорот Беџети.
Ректорот им порача на студентите да ја користат мултикултурната и повеќејазичната средина за да создадат мрежи, локални и регионални, како и меѓународни, кои ќе им бидат од голема важност во иднина.
„Многу сум задоволен што имаме соработка со најпопуларниот универзитет во Северна Македонија и во поширокиот регион. Образованието е главната алатка за зајакнување на индивидуата и можете да бидете сигурни во квалитетот што ќе го добиете во оваа институција“, рече претседателот на фондацијата Шамс, од Далас, САД, Камрудин Шамс.
„Студентското собрание и асоцијација секогаш ќе бидат покрај вас во патувањето што штотуку го започнавте и секогаш ќе ја имате нашата поддршка во секоја иницијатива и идеја што ќе ја имате“, рече во својот говор Демир Демири, претседател на студентското собрание.
Тој ги покани новите студенти да се приклучат на бројните студентски клубови, како и да бидат активен дел од студентските организации.
На средбата што се одржа во центарот на УЈИЕ во Скопје, проректорот за академско планирање и дигитализација, проф. д-р Адриан Бесими, директорот на Центарот, проф. д-р Веланд Рамадани и потпретседателот на Студентското собрание и асоцијација Адем Сопа им посакаа добредојде на бруцошите.
Во текот на Ориентационата недела студентите ќе се запознаат со инфраструктурата на Универзитетот, ќе им бидат обезбедени студентски документи за идентификација (ИД картички), ќе креираат распоред и ќе се запознаат со советниците за студентите на секој факултет и администрацијата на Универзитетот.
Тие, исто така, ќе се запознаат и со главните служби на Универзитетот, како што се студентскиот сервис , ИТ- службата, библиотеката, центарот за кариера и факултетите каде што избрале да студираат.
